Bо „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 103/2020 од ден 16.04.2020 година објавена е Уредба со законска сила за изменување и дополнување на  Уредбата со законска сила за примената на Законот за извршување за време на вонредната состојба.

Со овие измени на Уредбата се врши дополнување со нови извршни дејствија за кои извршителите можат да продолжат да постапуваат во однос на извршните дејствија кои претходно беа пропишани во Уредбата објавена во Службен весник 86/2020 од ден 01.04.2020 година.

Според оваа Уредба се утврдува дека извршителите се должни да запрат со преземање на било какви извршни дејствија, освен:

  • Во предметите по започнатите извршувања до 31.03.2020 година врз побарување по сметки на физичко лице кај банка,
  • Во предметите по започнатите извршувања до 31.03.2020 година врз расположливи средства на сметки на правно лице кај носителите на платен промет
  • Изготвување и поднесување на заклучок за запирање со извршување од сметка на физичко лице или правно лице доколку должникот го плати долгот.

Од извршување се изземаат примањата по следните основи:

  • Примање врз основа на законска издршка, надоместок на штета настаната поради нарушување на здравјето или намалување, односно губење на работната способност и надоместок на штета за загубена издршка поради смрт на давачот на издршката;
  • Примање врз основа на надоместок поради телесно оштетување според прописите за инвалидското осигурување;
  • Примање од права на парична помош од социјална заштита (гарантирана минимална помош, надоместок заради попреченост, надоместок на плата за скратено работно време, додаток за домување, траен надоместок и еднократна парична помош) согласно со прописите од социјална заштита;
  • Примање врз основа на привремена невработеност;
  • Примања од правата за заштита на децата согласно со Законот за заштита на децата;
  • Примање врз основа на стипендија, кредит и помош на ученици и студенти;
  • Примање на питомци на Воената академија;
  • Надоместок за работа на осуден во казнено-поправен дом, освен за побарување врз основа на законско издржување, како и за побарување на надоместок на штета предизвикана со кривично дело на осудениот;
  • Примање врз основа на патни трошоци;
  • Примања од право на социјална сигурност за стари лица, согласно со прописите за социјална сигурност за старите лица;
  • Средства исплатени како хуманитарна помош или надомест на штета во ситуации предизвикани од елементарни непогоди во услови на донесена одлука за постоење на кризна состојба од страна на Владата на Република Северна Македонија или Собранието на Република Северна Македонија,
  • Средствата на посебната сметка која ја поседува извршителот, плата, пензија, надоместок на трошоци за сместување на лице, надоместок за згрижување на згрижувачко семејство, надоместок за деца корисници на семејна пензија,
  • Примања на лица во резервниот состав на Армијата на Република Северна Македонија и Полицијата,
  • Примања на воени и мирновременски воени инвалиди врз основа на инвалиднина, ортопедски додаток и инвалидски додаток,
  • Примање врз основа на договор за доживотна издршка и доживотна рента како и врз примањето врз основа на договор за осигурување на животот и средствата исплатени како финансиска поддршка или субвенција на правни и физички лица заради надминување на последиците од Корона вирусот COVID-19.

Во случаите наведени претходно, должникот до извршителот преку електронска комуникација поднесува барање за одложување на извршувањето и доказ дека примањата се според некој од основите. Врз основа на барањето кое го доставува должникот, извршителот до носителот на платен промет преку електронска комуникација поднесува барање за одложување на налогот за извршување до 30 јуни 2020 година, без притоа да се наруши редоследот на прием на налогот.

Освен погоре наведените дополнувања на Уредбата, се друго што беше претходно уредено останува непроменето.

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

 

Напомена: Информацијата содржана во овој документ не содржи било какви експлицитни или имплицитни гаранции. РСМ Македонија не презема никаква одговорност за било какви грешки или пропусти во содржината на овој документ. Користењето на информациите содржани во овој документ е на сопствен ризик.  ПОД БИЛО КАКВИ ОКОЛНОСТИ, ДРУШТВОТО РСМ МАКЕДОНИЈА НЕМА ДА БИДЕ ОДГОВОРНО ЗА БИЛО КАКВИ ШТЕТИ ПРОИЗЛЕЗЕНИ ОД КОРИСТЕЊЕТО НА ИНФОРМАЦИИТЕ ОД ОВОЈ ДОКУМЕНТ, ДУРИ И АКО СТЕ БИЛЕ СОВЕТУВАНИ ЗА МОЖНОСТА ОД ПОСТОЕЊЕ НА ТАКВИ ШТЕТИ.